Skip to main content
Скопје

Финки ќе ги добие двете згради кај кампусот на УКИМ

03/02/2026  19:00

По извршените стручни анализи, донесена е одлука двете недовршени згради во близина на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да му припаднат на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). За Факултетот за физичка култура ќе се реализира доградба на објектот што веќе го користи кај ДИФ. Експертската комисија утврдила дека објектите се конструктивно стабилни, но не ги исполнуваат просторните и функционалните услови потребни за наставата по физичка култура, особено поради недостиг од соодветни спортски сали. Професорот Горан Марковски, кој ја предводеше проценката, информира дека кај зградите е забележана карбонизација предизвикана од влага, но без ризик по нивната безбедност.

Според него, иако уривањето би било идеално од градежен аспект, адаптацијата е далеку поисплатлива опција. Во меѓувреме, завршен е и тендерот за репроектирање на објектите, на кој се пријавиле седум компании. Новото архитектонско решение ќе биде модерно, а претходно најавуваниот барокен стил е целосно напуштен. Вкупната вредност на проектот, кој ги опфаќа зградите за ФИНКИ и доградбата за ФФК, се проценува на околу 36 милиони евра, средства обезбедени преку кредит на Министерството за образование и наука. Изградбата на објектите за ФИНКИ започна во 2015 година, но беше прекината во 2019 по стечајот на изведувачот, по што комплексот со години остана недовршен.