Skip to main content
Хроника

Финансиска полиција: Пронајдени 350.000 евра во таен простор во Неготино при извршен претрес на дом

19/01/2026  09:04

Во рамките на опсежна и сложена истрага што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Управата за финансиска полиција, по наредба на судија на претходна постапка, во текот на изминатиот викенд спроведе претрес на локација во Неготино.

Дејствијата беа спроведени под раководство на Управата за финансиска полиција во координација со надлежниот јавен обвинител.

Претресот беше извршен во домот на родителите на лице – судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за кривично дело Противправно стекнување и прикривање имот. При претресот, во специјално соѕидан простор во ѕидот на објектот, беа пронајдени и одземени околу 350.000 евра, за кои постојат сомненија дека потекнуваат од незаконски активности поврзани со корупција и трговија со влијание.

Управата за финансиска полиција, во рамки на своите законски надлежности, ги презема сите истражни дејствија со висок степен на професионалност и законитост, во тесна и ефикасна соработка со надлежните институции и останува целосно посветена на борбата против корупцијата и организираниот криминал особено кога станува збор за сложени случаи што го нарушуваат владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите.