Skip to main content
Македонија

Финансиска полиција поднесе кривична пријава против Милчо Манчевски за сомнителни трансакции од 950.000 евра

21/05/2025  19:30

Финансиската полиција, по наредба на Основното јавно обвинителство и во координација со обвинителството, речиси две години водела истрага за сомнителни финансиски трансакции на продукциската куќа „Банана филм“, во сопственост на режисерот Милчо Манчевски.

Истрагата, која започнала по пријава од Министерството за култура, се однесува на трансакции во висина од 950.000 евра – државни средства за кои Манчевски не доставил извештај до Агенцијата за филм. По завршувањето на истрагата, Финансиската полиција поднела кривична пријава до Јавното обвинителство против Манчевски и неговата компанија.

Од ОЈО за порталот НОВА ТВ потврдуваат дека пријавата е примена и дека се постапува по истата за да се утврдат наводите.

Предметот, според информациите, се однесува и на одделни трансакции преку домашната фирма „Банана филм“, но и преку компанија регистрирана во Њујорк, во сопственост на Манчевски. За овој случај, уште претходно биле известени и Државната комисија за спречување на корупција, како и други надлежни институции.

На медиумска средба во декември минатата година, пред премиерата на рестаурираната верзија на неговиот славен филм „Пред дождот“, Манчевски изјави:

„Луѓе ме прашуваат зошто во моите филмови нема повеќе среќни завршетоци. Денес, 30 години после успехот на ‘Пред дождот’, мене ми е забрането да снимам во Македонија. Уживајте во претставата.“

Манчевски е најтрофејниот македонски режисер. Во 2007 година беше прогласен за Амбасадор на културата на Република Македонија, а во 2012 доби и титула Национален уметник.