
Неколку часа пред денешната жрепка за Лигата на шампиони, УЕФА објави дека терминот за почеток на финалето ќе биде поместен од 21:00 на 18:00 часот, почнувајќи од оваа сезона.
Финалето на Лигата на шампионите оваа сезона ќе се игра на 30 мај следната година во Будимпешта, а УЕФА верува дека поместувањето на почетокот на натпреварот за три часа порано ќе го подобри искуството за навивачите и играчите, а воедно ќе им овозможи на градовите домаќини да заработат повеќе пари и ќе ја оптимизира логистиката на самиот настан.
„Нашата цел е денот на финалето на Лигата на шампиони да биде навистина пријатно искуство за сите што сакаат да бидат дел од настанот, а воедно ќе создадеме и пријатна атмосфера за семејствата и децата. Навивачите што патуваат на натпреварот ќе имаат полесен пристап до јавниот превоз, особено по натпреварот, а со тоа и побезбедно и поудобно враќање од стадионот“, објави УЕФА
„За градовите домаќини, оваа промена ќе го зајакне позитивното економско влијание бидејќи навивачите ќе имаат можност да продолжат со своите прослави по натпреварот. Пораниот почеток на натпреварот исто така значи дека помладите гледачи кои ќе го гледаат натпреварот на телевизија ќе можат полесно да го чекаат крајот“, додаде европската куќа на фудбалот.