Skip to main content
Спорт

Финале на Лига Европа: сламка на спасот за англиските давеници

21/05/2025  12:33

Вечерва ќе се одигра првото од трите финалиња во натпреварувањата кои се во организација на УЕФА. Лига Европа ќе биде првата што ќе го даде победникот. Во фналето ќе играат Манчестер Jунајтед и Тотенхем, најголемите разочарувања во Премиер Лигата оваа сезона.

Чудна сезона е зад Манчестер Јунајтед и Тотенхем, во Премиер Лигата беа веднаш над зоната за испаѓање, додека на европската сцена се борат за трофеј.

Поради тоа влогот во ова финале е огромен. Победникот не само што ќе го освои трофејот, туку и ќе избори пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Манчестер Јунајтед е единствениот клуб без пораз во сите три европски натпреварувања, а во полуфиналето убедливо го победи Атлетик Билбао со вкупен резултат од 7:1 (3:0, 4:1). И Тотенхем стигна до финалето со две победи против норвешкиот Боде/Глимт од 5:1 (2:0, 3:1).

Манчестер Јунајтед играше во финалето на Лига Европа двапати: во 2017 година победи против Ајакс (2:0), а во 2021 година загуби од Виљареал (1:1, пенали – 10:11).

„Ако ја освоиме Лига Европа луѓето ќе гледаат на нашиот тим на поинаков начин, бидејќи освојувањето на европски трофеј важна работа. Ништо нема да ја промени нашата сезона, сите го знаат тоа, но освојувањето на титулата на европско натпреварување ќе ни помогне да го стекнеме тоа чувство што ќе ни помогне да ја создадеме иднината“, рече менаџерот на Манчестер Јунајтед Рубен Аморим.

Португалецот за „Скај Спортс“ откри дека Лени Јоро, Диого Дало и Џошува Зиркзе ќе бидат во конкуренција за настап во финалето.

Тотенхем играл во финалето на Купот на УЕФА три пати во минатото, двапати победил (1972, 1984) и еднаш загубил (1974).

„Тотенхем играше финале во Лигата на Шампионите, но трофеј не е освоен од 2008 година. Освојувањето на трофејот, тоа е она што најмногу значи сега“, заклучи тренерот Ангелос Постекоглу за кого вечерашното финале ќе биде 100. натпревар на клупата на Тотенхем.

Капитенот и лидер на тимот, Сон ќе биде подготвен за финалето, додека младиот Лукас Бергвал нема да игра поради повреда.

Финалниот натпревар ќе се одигра Билбао (Шпанија) на стадионот „Сан Мемес“ со почеток во 21 часот.