
Три филмови на нашиот најтрофеен режисер Милчо Манчевски, деновиве имаат проекции на разни меридијани. Најпрвин „Кајмак” беше прикажан во Калкута, Индија, на 9 септември, како дел од Европскиот филмски фестивал. „Прашина” се прикажува овој месец и идниот месец во повеќе градови низ Хрватска во организација на македонската Кинотека. „Пред дождот” ќе биде прикажан во Париз на Универзитетот Сорбона Нувел во соработка со Астер фестивалот на 3 октомври.
Сите три филмови се македонски копродукции („Пред дождот” со Велика Британија и Франција, „Прашина” со Велика Британија, Германија и Италија, а „Кајмак” со Данска, Холандија, Хрватска и Албанија).
Главните улоги во „Пред дождот” (1994) ги играат Раде Шербеџија, Катрин Картлиџ, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Петар Мирчевски и Љупчо Бреслиски, во „Прашина” (2001) Дејвид Венам, Џозеф Фајнс, Роузмари Марфи, Адриан Лестер, Владо Јовановски и Николина Кујача, а во „Кајмак” (2022) Сара Климоска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Александар Микиќ и Филип Трајковиќ. Сите три филмови се досега дистрибуирани во повеќе земји низ светот и се дел од наставните програми на повеќе светски универзитети.