Skip to main content
Македонија

Филков : Судскиот совет треба да биде орган кој ќе го штити интегритетот на судиите, но истовремено и самиот тој да подлежи на механизмите на отчетност и транспарентност

13/01/2025  15:39

Министерот за правда Игор Филков во интервју за Плусинфо најави дека измените и дополнувањата на Законот за Судски совет ќе бидат донесени најдоцна до јуни 2025 година а во него ќе бидат инкорпорирани  препораките на Оценската мисија.

,,Точно е дека  Судскиот совет беше и сеуште е предмет на  јавни дебати и контроверзии, кои се одраз на потребата за реформи во оваа сфера. Наша цел како држава е да обезбедиме силно, независно и функционално судство, кое не само што ќе биде независно, туку и отчетно пред граѓаните. Проблемите кои ги споменувате во однос на функционирањето на Судскиот совет и неговата улога во недовербата кон судската власт се нешто што не може да се игнорира, и тие сигурно се дел од приоритетите за реформите што ги планираме.

Дебатата за несменливоста и независноста на членовите на Судскиот совет е комплексна, бидејќи, од една страна, независноста на судиите и членовите на Советот е клучна за спречување на политички влијанија врз правосудството. Но, од друга страна, не смееме да ја игнорираме потребата од подобрување на транспарентноста и отчетноста на овие тела. Иако постои загриженост дека промените на Судскиот совет може да доведат до ,,политичка “контрола врз судството, тоа не значи дека не постојат механизми за баланс на оваа независност со јавната одговорност.

Не би се сложил со вас дека дебатата е честопати со „спротивставени погледи”. Напротив, јавните дебати одржани со судиите од сите четирите апелациони подрачја, управното судство и секако судиите од највисокиот, Врховниот суд во државата, укажаа на прилично единствени ставови дека е неопходна зголемена стручност и професионалност на членовите на Судскиот совет, како и транспарентност и ефективност во  постапката за нивен избор, како и јасни основи за нивна одговорност, притоа обезбедувајќи соодветни и ефективни  механизми за нивно одговорно и ефикасно функционирање. Секако притоа, задржувајќи го принципот на независност на судството, неопходно е да се воведат процеси кои ќе овозможат контрола врз квалитетот на работата на судиите и членовите на Советот, што ќе ја зголеми довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Реформите што ги разгледуваме се насочени на тоа да создадат рамнотежа меѓу овие аспекти – независност и отчетност. Клучно е  обезбедување на статусот дека Судскиот совет е орган кој ќе го штити интегритетот на судиите, но истовремено и самиот тој да подлежи на механизмите на отчетност и транспарентност, што е клучно за врашање на довербата на јавноста.

Очекувам дека измените и дополнувањата на Законот за Судски совет ќе бидат донесени најдоцна до јуни 2025 година и дека во него ќе бидат инкорпорирани  препораките на Оценската мисија”,вели Филков.

Во однос на преземањето на  политичка одговорност за состојбите во правосудството и реализација на реформите, министерот Филков смета дека е неопходно да се обезбедат механизми кои ќе ја минимизираат политичката злоупотреба на институциите, и ќе овозможат  одговорност а во исто време ќе ги заштитат независноста и интегритетот на судиите и судската власт .

,,Се согласувам  дека елементарниот принцип на стручност, интегритет и независност во изборот на судиите е од суштинско значење, но, како што  забележувате, досегашната пракса понекогаш не ги гарантира овие квалитети. Иако конкурсите и генералните реизбори се механизми што треба да обезбедат транспарентност и фер услови за избор, факт е дека нивната имплементација не секогаш довела до очекуваните резултати. Не можеме да ги игнорираме и проблемите со политичките влијанија во овие процеси, кои се фактори што го компромитираат кредибилитетот на судската власт.

Но, не сметам дека ова значи дека сме без шанса за позитивни промени. Клучниот аспект што го поставувате е потребата за  одговорност. Реформите на правосудниот систем мора да бидат континуиран и системски процес кој нема да биде лесен, но во исто време, политичката одговорност и ангажман на сите чинители – како власта, така и опозицијата, но и граѓанското општество – се клучни за успехот на овие реформи. На крајот, одговорноста за состојбите во правосудството лежи  и на самите институции кои треба да работат во рамките на правниот поредок.

Решението лежи во обезбедување механизми кои ќе ја минимизираат политичката злоупотреба на институциите, додека ќе овозможат  одговорност и во исто време ќе ги заштитат независноста и интегритетот на судиите и судската власт. За тоа треба да се интензивираат реформите во изборот на судиите и членовите на Судскиот совет, да се обезбедат построги критериуми за нивната стручност и интегритет, но и да се изгради доверба во институциите со транспарентност, отчетност и јасни процеси на ревизија.

Реформите не значат само промена на закони, туку и промена на културата на институциите. Затоа, тие бараат политичка храброст и политичка волја да се преземат ризиците, а истовремено и да се обезбедат средства и механизми за самите институции да работат со високи стандарди на независност и одговорност. Во овие процеси, не смееме да се задржиме само на вперувањето на прст кон еден или друг носител на власт, како виновник за наталожените проблеми. Напротив, треба да се има доблест и зрелост, за да се признае дека со одредени одлуки сме потфрлиле во исполнување на целта за која служиме. Потребно е заедничко дејствување на сите чинители во реформите во правосудството, без разлика на тоа дали станува збор за суд, Судски совет, Совет на Јавни обвинители, Собрание или Министерството за правда, бидејќи само на тој начин може да дојдеме до реформи кои ќе резултираат со успеси и придобивки за сите нас.

Но, сосем на крајот би сакал да укажам на тоа дека ваквата заложба не можеме да ја постигнеме ние самите  како извршна власт. Тука клучна е улогата на секој судија, јавен обвинител, член на Судскиот совет и Советот на Јавните обвинители, нивниот дигнитет и професионалност”,потенцира Филков во интервју за Плусинфо.