Skip to main content
Македонија

Филков до СДСМ: Груевски има политички азил, се занимавате со циркус, а не со реална работа

27/11/2025  14:31

Министерот за правда Игор Филков одговарајќи на пратеничко прашање од Миле Талески од СДСМ, зошто не се бара екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, рече дека се додека некое лице ужива азил, екстрадицијата ја одбиваат.

Состојбата внимателно се следи, истакна тој, и кога ќе се создадат услови ќе се поднесе ново барање, што впрочем е исто како за секој предмет за екстрадиција.

,,Министерството за правда нема ништо заедничко со тоа министерство што го имавте вие во вашето време кога заедно со Артан Груби, Али Ахмети договаравте кој каде ќе избега. Ова Министерство си ги бара сите бегалци, но вие говорите за политички азиланти ако доволно ве следев. Што значи, дека секојпат кога ќе бидат создадени услови, Министерството за правда повторно ќе си ги бара своите граѓани. Во меѓувреме треба да дадете одговор каде се оние другите со кои што вие договаравте бегство”, потенцира Филков.

Министерот за правда му порача на СДСМ да има сериозен пристап и да се занимава со реална работа.

,,Мора да престанете да ја замајувате македонската јавност со ваков шарлатански пристап. Што уште треба да направите за народот да ви ја прати пораката и на следните избори. Значи, да се соземете, да бидете сериозни затоа што не е добро тоа за вас ниту како опозиција ниту за државата да се занимавате со циркус а не со реална работа. Тоа граѓаните ви го кажаа и на последните избори а убеден сум дека и следниот пат кога и да бидат парламентарните избори ќе ве пратат во историјата”, рече Филков.