Skip to main content
Македонија

Филков до Милошоски: Наместо манипулации, одговорете за правосудниот хаос што го оставивте!

01/04/2025  22:45

Министерот за правда, Игор Филков, остро реагира на изјавите на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој го критикуваше за слабите перформанси во спроведувањето на правосудните реформи. Филков го обвини Милошоски дека намерно ги манипулира граѓаните и потсети на неговата улога во минатите политички структури.

„Кусурот на Груевски, познат под прекарот ‘Џуџето од Небрегово’, јавноста добро го памети по аферите поврзани со АМСМ и семејните бизниси од Кичево. Очигледно е неинформиран и изолиран од партијата, па го упатувам во неговата матична партија или во Владата – можеби конечно ќе го известат за постапките, роковите и статусот на законите,“ изјави Филков.

Тој додаде дека Милошоски делува по туѓи наредби и постави прашање чии интереси застапува во моментот – интересите на граѓаните или на одредени структури. „Во минатото е познат по Ванчо Михајлистички ставови, многу лаги и невистини. Ова е лош де-фокус на македонската јавност по двонеделниот ‘одмор’ на Собранието,“ истакна министерот.

Потсетување на минатите реформи

Филков го потсети Милошоски дека во парламентот е од 2011 година, откако се повлече од функцијата министер за надворешни работи и активно учествуваше во креирањето на „канцерогениот“ правосуден систем. „Да не заборавиме дека токму тој беше дел од донесувањето на штетните измени на Кривичниот законик во 2023 година, со кои се спаси од одговорност за кривичното дело ‘Моќник’,“ нагласи Филков.

Детален преглед на реформите

Министерот за правда го информираше јавноста за клучните закони кои се во подготовка или процедура, вклучувајќи:

1. Закон за спречување на корупција и судир на интереси – подготвен и објавен на ЕНЕР.

2. Закон за судска служба – подготвен и објавен на ЕНЕР.

3. Закон за платите на јавните обвинители – обезбедени финансиски средства за имплементација во 2025 година.

4. Закон за јавно обвинителство – подготвен, ќе се објави на ЕНЕР, планиран за декември 2025 година.

5. Закон за Судски совет – во завршна фаза, со мислење на Венецијанската и Европската комисија, рок: јуни 2025 година.

6. Изборен законик – работна група е формирана, рок за донесување: јуни 2025 година.

7. Закон за платите на судиите – работи се на законското решение.

8. Закон за кривична постапка – јавни расправи одржани, рок за усвојување: декември 2025 година.

9. Закон за државно правобранителство – во подготовка, рок: септември 2025 година.

10. Закон за судовите и судски буџет – во фаза на изработка.

11. Нов Кривичен законик – подготвен и преведен на англиски јазик, со рок за носење до декември 2025 година.

Филков истакна дека овие реформски чекори се дел од поширока агенда насочена кон модернизација и ефикасност на правосудниот систем.

„Јавноста заслужува вистина и одговорност, а не манипулации и дезинформации. Продолжуваме со реформите со целосна транспарентност и отчетност,“ порача министерот за правда.