Skip to main content
Економија

Филипче: Зголемувањето на минималната плата е под знак прашалник, Владата ја блокира работата на Економско-социјалниот совет

26/02/2025  12:50

Платите стагнираат, а покачувањето на минималната плата е под знак прашалник, бидејќи Владата го блокира функционирањето на Економско-социјалниот совет, порача денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ Венко Филипче.

„Работниците и синдикатите бараат минимална плата од 450-500 евра, но Владата молчи. Социјалниот дијалог е целосно уништен. Работниците се оставени без сигурност, а економската неизвесност станува сè поголема. И за ова СДСМ има подготвено решение и ќе го достави во Собранието со закон за минимална плата. Решение кое Владата може веднаш да го прифати“ порача Филипче.

Филипче истакна дека македонската економија оди во погрешна насока, а како поткрепа на тоа тврдење изнесе одредени економски податоци.

„Индустриското производство опаѓа веќе четири месеци јасен индикатор дека стопанството слабее. Во декември 2024 година падот изнесувал 1,4%, во ноември 3,5%, во октомври 1,1%, а во септември цели 7,9%. Владата, ниту за ова нема никаква стратегија за поддршка на индустрискиот сектор. Без силна индустрија, нема економски раст и развој. Во првите два месеци од 2025 година, буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари. Државата троши многу повеќе отколку што прибира. Владата создава опасен јаз помеѓу приходите и расходите, кој ќе мора да се покрива со нови долгови. Ова е рецепт за финансиски колапс. Во тој контекст логично е што расте и јавниот долг и сега е над 70% од БДП. Владата избегнува да ги објави точните бројки. Државниот бројчаник не работи, а Министерството за финансии молчи. Граѓаните имаат право да знаат колку навистина должиме а и кои се плановите за враќање на тие долгови“ истакна лидерот на СДСМ.