Skip to main content
Македонија

Филипче: Власта прави обиди за уривање на СДСМ одвнатре

26/12/2025  12:49

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со медиумите рече дека во момент кога СДСМ ги открива криминалните зделки на власта, ВМРО-ДПМНЕ спроведува организирана акција со обиди за уривање на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија одвнатре.

„Уште една работа што сметам дека е многу битно да се потенцира, токму во овој период кога почнавме да ги откриваме сите коруптивни зделки на власта, кога почнавме да го разобличуваме предавството и нивниот лажен патриотизам, гледаме и сведоци сме дека не се бираат средства да се замолчиме, серија на обиди да се прикаже некакво уривање на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија одвнатре”, истакна Филипче.

Тој посочи дека станува збор за синхронизирана и временски координирана акција, која се активира токму сега, кога СДСМ отвора сериозни прашања за криминал и корупција во врвот на власта.

„Наши поранешни функционери, еден поранешен функционер, други двајца, претходно едниот којшто не се појавил во јавноста со години, некои луѓе коишто не се веќе во партијата, туку заминале во предавничката ЗНАМ, сега наеднаш во овој момент излегуваат и се активираат и се гласни на јавните мрежи”, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека логично се наметнува прашањето зошто овие појави не постоеле во изминатиот период, туку се случуваат токму сега.

„Се поставува прашањето зошто тоа не го прават изминатиот период, година ипол дена, како тоа сега наеднаш, кога почнавме една ваква сериозна акција издржана со сериозни анализи и документи”, изјави Филипче.

Тој откри дека СДСМ располага со информации за директна вмешаност на владејачката партија во овие активности.

„Тоа што во меѓувреме го дознавме е дека сето ова е организирано од ВМРО-ДПМНЕ и дека целиот проект го води ВМРО-ДПМНЕ. Тие се налогодавачи, финансиери”, рече Филипче.

Во таа насока, Филипче посочи и на сомнежи за финансиска поддршка во позадина на овие обиди.

„Во позадина, еден од можните финансиери на целиот овој проект е Алта банка – банката која дојде во Србија со сомнителен капитал, на која нашите власти ѝ ги отворија ширум вратите, а во европските земји не ѝ дозволуваат влез поради сомнително потекло на капитал”, нагласи тој.

Филипче упати јасна порака дека СДСМ нема да дозволи да биде замолчена и дека партијата ќе продолжи со борбата за правда и одговорност.

„Сакам да упатам една јасна порака дека во оваа борба за правда во државата никој нема да нè запре. Ќе ја вратиме власта во рацете на народот. Решени сме во тоа. Има нова сила во СДСМ – комбинација на поранешни искусни луѓе и нови млади луѓе. Борбата е почната, крајот се гледа каде е. Секој еден којшто е замешан во корупција и криминал сакам да порачам дека ќе одговара”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.