
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати порака по повод 30 години од геноцидот во Сребреница, во која оддаде почит на жртвите и истакна дека ова злосторство засекогаш ќе остане опомена за светот.

„Денеска се навршуваат 30 години од ужасното злосторство во Сребреница, кога во јули 1995 година, над 8.000 невини луѓе беа убиени во еден од најголемите геноциди во историјата на Европа по Втората светска војна,” порача Филипче.
Тој истакна дека ова злосторство против човештвото не само што го потресе светот, туку ги разниша и темелите на човечкото достоинство. „Геноцидот во Сребреница ќе остане врежан во сеќавањето како еден од најтемните моменти во историјата, потсетник на ужасите на војната и опасноста од екстремниот национализам кој слободниот и демократски свет засекогаш ќе го осудува,” нагласи претседателот на СДСМ.
Филипче упати и апел за иднината: да се сеќаваме, да осудиме омраза и насилство и да изградиме општество на соживот и безбедност за сите. „На овој ден, да оддадеме почит кон жртвите, да се сеќаваме и никогаш да не дозволиме ваков геноцид да се повтори. Да ги осудиме сите форми на насилство и нетолеранција, и да градиме свет во кој луѓето ќе живеат без страв од омраза и поделби,” порача Филипче.