
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, вечерва од митингот во Струмица „Се бориме за нашиот дом”, испрати порака, дека партијата се враќа и ќе победи.

„Од тука тргнаа политичари кои ја менуваа државата. Од тука тргнаа политики кои носеа развој, правда и слобода. Од тука секогаш се раѓала надежта. Затоа од овде, од овој плоштад, ќе ја испратиме најсилната порака: СДСМ се враќа! И СДСМ ќе победи!”, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, исто така рече дека струмичани секогаш биле тука кога било потребно да се донесат клучните одлуки за државата.
„Струмичани секогаш стоеле исправено и обединето кога било потребно. Кога Македонија имала потреба од силен и одлучен чекор за борба против ненародната власт на ВМРО-ДПМНЕ. И сега повторно Струмица е на нивото на задачата. Струмица е симбол на отпор. Симбол на напредок и симбол на победи. Вечерва гледам очи полни одлучност. Гледам народ што знае кому да му верува. Затоа што во Струмица не поминуваат лагите и манипулациите на власта. Струмица препознава работа и визија. Препознава чесен труд затоа што е град на трудољубиви луѓе”, рече Филипче пред струмичани.
Филипче се осврна и на кандидатот за градоначалник, Марјан Даскаловски.
„Вие, струмичани, многу добро знаете кој е Марјан Даскаловски. Човек од теренот. Човек од градот. Човек од народот и човек за народот. Вие добро го знаете, теренец 4×4, незапирлив. Цел живот со и за струмичани и Струмица.
Марјан, заедно со советниците од нашите редови се обврзаа да го слушнат секој глас, секој предлог и секој проблем. Од секое населено место, од секоја улица, од секоја заедница, затоа што за нас секој е важен, без исклучок.Ние имаме јасна визија за Струмица и знаеме како да направиме таа визија да стане реалност.Овој тим за Струмица и СДСМ за Македонија ја преземаат одговорноста да ја однесеме државата и граѓаните кон јасна иднина со грижа и решенија за реалните проблеми. СДСМ не е партија која во криза се повлекува. СДСМ е партија којашто се соочува со проблемите“ порача Филипче