
За година и пол Владата на ВМРО-ДПМНЕ е соголена до кожа од лагите со кои победи на изборите, нагласи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на трибината „Се бориме за нашиот дом”, што се одржа во Јегуновце.

„За година и пол власт на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво и добри четири години на локално – веќе на граѓаните им е јасно. Јасно им е дека состојбата со нив само ќе се влошува на секое поле. Оваа ненародна власт за година и пол е соголена до кожа од лагите со кои победи на последните избори”, рече Филипче.
Во обраќањето, тој потсети, дека ВМРО-ДПМНЕ не исполни ниту едно ветување за некаков напредок и подобар живот, напротив државата со нивните политики уназадува.
„Да се потсетиме – ветуваа подобар живот, економски бум, горда европска интеграција под други услови, подобар животен стандард, ветуваа правда и правичност. Што имаме денес? Денес имаме застој и уназадување на секое поле. Економијата е ослабена и на колена, платите стагнираат, па дури и се намалуваат. Луѓето сè помалку можат да купат поради цените и инфлацијата кои не ги контролираат. Правда не постои, нема реформи, нема независно судство. Нема ниту перспектива напред кон Европската Унија”, рече Филипче.
После сите неисполнети ветувања, како што кажа Филипче, се поставува прашањето зошто сега некој би и верувал на оваа влада.
„Зошто некој да и верува на оваа власт повторно? Ако пред само година и пол излажаа за сè што ветија, тогаш бидете сигурни дека лажат и сега.Граѓаните не сакаат жалопојки. Сакаат решенија. Сакаат правда. Сакаат живот со достоинство. Сакаат грижа кога ќе имаат проблем”, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.