Skip to main content
Македонија

Филипче: Наместо сите да се интегрираме, очигледно ДПМНЕ сака еден по еден да го бараме патот кон ЕУ

22/06/2025  16:02

По една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, Македонија не само што не се доближи до ЕУ, туку се оддалечи од секоја стратешка насока. Власта нема ниту план, ниту волја, ниту визија каде ја води државата. Ова го истакна Венко Филипче на трибината „Македонија понижена – Една година Влада”.

– По една година е јасно дека напред е слепа улица со ВМРО-ДПМНЕ. Нема план, нема волја, нема стратегија како нашата држава ќе стане членка на ЕУ и каде се движиме како нација, рече Филипче.

Тој потсети дека СДСМ покажал државнички капацитет – со поддршка, соработка и конструктивен пристап во клучните процеси.

– СДСМ даде поддршка, СДСМ имаше разбирање, нудеше реална соработка и национален консензус за клучните прашања. Бевме – и сè уште сме – спремни да застанеме и да поддржиме решение кое е пред сè во интерес на граѓаните, посочи Филипче.

Но, според него, владата избрала поинаков курс – пат кон изолација, неизвесност и порази.

– За жал, Владата фаќа друг пат – во непознат правец.

Оваа несигурност, оваа бесперспективност ќе биде погубна за иднината на државата и нашите граѓани, рече Филипче.

Тој остро критикуваше и двојните стандарди на власта – едни со резервни пасоши, други без никаква алтернатива.

– Наместо заедно сите да се интегрираме, очигледно ДПМНЕ сака еден по еден да го бараме патот кон ЕУ.

Наместо да го запреме процесот на иселување, да обезбедиме работа и надеж дома за сегашните и идните генерации, Владата одлучи секој сам да се снаоѓа.

Додека секој од нив во власта има резервен пасош во џебот од соседните држави, за оние кои живеат тука и немаат таква алтернатива – оваа Влада за една година не понуди ништо, заклучи Филипче.