Skip to main content
Македонија

Филипче: ДУИ е симбол на корупција и поделби – СДСМ јасно се дистанцира

09/01/2025  12:41

Во интервју за „Независен“, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговори на прашањето за можната соработка со партиите од албанскиот блок, со посебен акцент на ставот кон ДУИ. Новинарот праша дали СДСМ би ја разгледала можноста за соработка со ДУИ или со други партии од албанскиот политички спектар, особено во контекст на коруптивната стигма и етничките тензии што ги носи политиката на ДУИ.

Филипче јасно ја отфрли можноста за поврзување со ДУИ и ја нагласи потребата од политики кои обединуваат, а не делат. „СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или да биде подреден на било која партија, особено не на ДУИ. Коруптивната стигма која со години ја носи оваа партија е нешто од што јасно и недвосмислено се дистанцираме. Нивната реторика и постојаното подигање на етнички тензии како алатка за политичко делување е неприфатлива и опасна. Таквите политики немаат место во нашето мултиетничко општество,“ изјави Филипче.

Тој ја обвини ДУИ за политички практики кои го спречуваат напредокот на Македонија. „ДУИ продолжува со овие практики, а ВМРО-ДПМНЕ само профитира и ја подгрева ситуацијата. Иако јавно ги осудуваат и тврдат дека се во конфликт, нивната неформална соработка е повеќе од очигледна. Претходните заеднички гласања во Собранието, како и мистериозното бегство на Артан Груби, за кое добивме смешни објаснувања од МВР, само ги потврдуваат сомнежите дека имаат задкулисни договори,“ рече тој.