
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа упати сериозни критики за работењето на актуелната власт, посочувајќи дека државата се движи во погрешна насока, со длабоки системски проблеми, криминални практики и опасна меѓународна изолација.
„Работите на коишто укажуваме се дека државата не оди во добар правец, изолацијата во којашто оваа власт не тера, криминалните тендери, постапки коишто ги организираат за свои луѓе”, истакна Филипче.
Филипче укажа и на целосниот изостанок на реални политики во интерес на граѓаните и работниците.
„Нема добри политики за граѓаните. Еве гледајте, минатата недела се случи генерален протест на сојузот на синдикати. Тие луѓе протестираат со издржани аргументи, со реални потреби и барања на работниците, за што владата во континуитет нема слух”, рече Филипче.
Претседателот Филипче во интервјуто посочи на сериозни безбедносни, политички и економски ризици, нагласувајќи ги, како што рече, сомнителните меѓународни врски и нетранспарентните финансиски текови.
„Врските со Путин коишто се видливи на ниво на вицепремиер на Владата, влезот на сомнителен капитал од Србија, како и маргинализацијата на државата од сите меѓународни институции, настапот на нашиот премиер во Давос, кога ниту еден политичар не го прими. Сето тоа ни укажува дека државата не оди во добар правец”, нагласи претседателот на СДСМ.
Тој предупреди дека државата се соочува со сериозна внатрешна и надворешна криза, која дополнително ќе се продлабочува.
„На ниво на внатрешно менаџирање на државата, со кризата којашто не очекува поради огромната дупка, дефицит на средства во буџетот и со меѓународната изолација, оваа влада не ѝ мисли добро на државата “, порача Филипче во интервјуто за Радио Слободна Европа.
