Skip to main content
Македонија

Филипче: Добро е што ќе има јавна расправа за зајакнување на безбедноста во сообраќајот, СДСМ изготви неколку предлог законски решенија

04/02/2025  13:30

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска изјави дека смета оти е добро што ќе има јавна расправа во Собранието за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот, напоменувајќи дека тие како партија деновиве веќе работеле на одредени предлог законски решенија, од кои едното се однесува на одземање на возилото, меѓудругото како една од мерките во потешките случаи.

Филипче денеска по положувањето цвеќе во црквата „Свети Спас“ по повод 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека ја постигнале целта кога како власт во 2021 година ги намалиле казните за безбедност во сообраќајот истакна дека смета дека е добро што во Собранието ќе има јавна расправа за темата и оти секој немил настан треба да биде поттик за подобрување на системот.

-Сметам дека е добро што ќе има јавна расправа во Собранието ние како партија во текот на изминативе денови подготвивме неколку предлог законски решенија и ќе ги презентираме на таа јавна расправа. Имаме два конкретни предлога како партија. Прво да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на одвивање на наставата и тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето, гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот. И вториот предлог ќе биде сериозно заострување на казните за најтешките прекршоци во сообраќајот, кои што дури ќе вклучуваат и одземање на возилото по примерот на некои европски земји, изјави лидерот на опозициската СДСМ.

Во Собранието в петок ќе се одржи јавна расправа за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Пратеничките групи на ВМРО – ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ вчера до Собранието поднесоа барање за одржување јавна расправа со цел анализи и утврдување потреба од изменување на законските прописи за зголемување на безбедноста на граѓаните во сообраќајот, а потоа заседаваше и собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во Собранието на Република Северна Македонија за денеска се закажани седници на пет комисии.

Членовите на Комисијата со 11 гласа „за“ изгласаа одлука в петок да се одржи јавна расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“. За оваа одлука поддршка искажаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ, Левица и „Европскиот фронт“. На седницата на Комисијата не присуствуваа пратеници од СДСМ, а координаротот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски во изјава за Сител вчера кажа дека за нив е прифатливо да се расправа за безбедноста во сообраќајот.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески вчера истакна дека безбедноста на граѓаните мора на сите да им биде приоритет, а тоа, како што рече, значи промени во законите кои ќе обезбедат заштита, превенција и и ефикасни институционални реакции.

– Врз основа на членовите 128 и 129 од Деловникот на Собранието бараме да се организира јавна расправа, имено јас заедно со колешката Мерита Колчи Коџаџику од ВЛЕН и Бобан Карапејовски од ЗНАМ поднесовме известување за потреба од одржување на јавна расправа заради анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Владејачкото мнозинство во насока на подобрување на законската регулатива ќе побара доуредување и допрецизирање на истата. Време е за сериозни чекори и системски решенија. Безбедноста на граѓаните мора да ни биде приоритет на сите, а тоа значи промени во законите кои ќе обезбедат заштита, превенција и и ефикасни институционални реакции. Порачуваме и повикуваме до сите дека намерата за стручна и експертска дебата е приоритет и како владејачко мнозинство нема да дозволиме политизација на оваа тема. Нас ни требаат издржајни решенија, а не политичка некрофилија и злоупотребување на моментот. Ги повикувам сите пратеници без разлика дали се од власт или опозиција, да ја поддржаат оваа иницијатива и да застанеме зад неа еднаш сите заедно за изнаоѓање на системски решенија и решавање на проблемите со кои се соочуваме, рече Мицески.

Иницијативата за јавна расправа следуваше по трагичната сообраќајна несреќа минатата недела во која животот го загуби 22 годишната студентка од Неготино, Фросина Кулакова.

Таа беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Настанот предизвика револт во јавноста, особено по сознанијата дека сторителот и претходно бил во судир со законот, а во моментот кога го сторил делото се уште бил на слобода.

Тој ќе одговара за најтешко кривично дело во областа на безбедноста на сообраќајот и тоа со умисла. За истрагата за делото, за кое се сомничи Јованов, кој во моментов отслужува 30-дневен притвор во КПУ Затвор „Скопје“, вчера на прес-конференција информираше државниот јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Согласно оваа кфалификација на делото сторителот според Кривичниот законик може да добие затворска казна од четири до 20 години.

Коцевски вчера изрази уверување до јавноста и до семејството дека постапката ќе биде ефикасна и Обвинителството ќе инсистира на најстрога казна.