
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на премиерот Мицкоски, порача дека премиерот треба да престане со спинови и да почне да се соочува со реалните проблеми во државата.
„Премиерот треба да престане да спинува. Има сериозни економски проблеми и прашања на кои треба да одговори. Кога човек нема што да каже, кога нема со што да се пофали – ниту проект, ниту добра прогноза за земјата – тогаш забегува кон вакви некакви лаги,” изјави Филипче.
Тој додаде дека владата се соочува со сериозна економска стагнација и дека тоа го потврдуваат и меѓународните институции.
„Нема раст, има пад на просечната плата, скок на цените на основните производи, затворање компании и луѓе кои секојдневно остануваат без работа. Наместо да се занимава со овие проблеми, премиерот измислува афери и скандали,” рече Филипче.
Лидерот на СДСМ оцени дека државата оди кон економски колапс и дека е време владата да преземе одговорност.
„Време е оваа влада да сфати дека или треба да ја води државата како што треба – или да си оди. Граѓаните не заслужуваат незаинтересирана власт без резултати и без работа,” порача Филипче.