Skip to main content
Македонија

Филипче до Мицкоски: Граѓаните ли се „талог” затоа што ја критикуваат власта?

25/12/2025  13:42

Претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната седницата за пратенички прашања во Собранието, го праша премиерот Христијан Мицкоски дали кога  зборува за „талог на општеството” мисли на граѓаните. Филипче од говорница јавно рече дека секојдневните поплаки, прашањата и проблемите се реални гласови на граѓани кои живеат тешко и кои заслужуваат почит, а не навреди.

„Да ги изнесам констатациите на граѓаните кои што ги нарекувате дека се „талог на општеството”, прво и заради тоа што поплаките прашањата и се останато доаѓа од нив, не директно од нас”, рече Филипче. 

Претседателот на СДСМ Венко Филипче исто така рече дека е свесен дека Владата сака да зборува за „убави работи”, но најверојатно тие работи се за мал круг на луѓе блиски до власта..

„Знам дека сакате да зборите и за убави работи. Веројатно тоа се случува за мала група на луѓе околу власта, меѓутоа не за целата држава и за сите граѓани”, рече Филипче.

Тој на денешната седница на пратенички прашања исто така рече дека за огромното мнозинство граѓани, реалноста е сосема поинаква, а тоа е држава без европска перспектива, држава со изгласана против уставна резолуција, со која што се забранува слобода на изразување, слобода на говор, држава со сива економија и длабока сиромаштија.