Skip to main content
Македонија

Филипче: ДДВ за струја за домаќинствата да се намали од 18 на 5 проценти

13/02/2025  19:19

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес претстави сет на мерки за унапредување на стандардот на граѓаните.

Меѓу седумте мерки, се најде и предлогот да се намали Данокот на додадена вредност за електричната енергија за домаќинствата.

Со намалување на ДДВто од 18 на пет проценти, сериозно ќе се намалат и сметките на граѓаните, смета Филипче.

„Првата мерка е намалување на ДДВ на електрична енергија од 18% на 5%. Тоа е намалување од најмалку 13% на сметките за струја. Односно за сметка од 3000 денари, намалувањето ќе биде околу 400 денари. Сметам дека е нешто што е значително олеснување за граѓаните“ рече Филипче.

Иста даночна стапка, односно намалување од 18 на 5%, лидерот на СДСМ предлага да имаат и основните прехранбени производи.

„Оваа мерка, во комбинација со дополнителните политики за замрзнување на маржите и цените, може да резултира со намалување на цените на овие производи дури и до 30%“ рече тој додавајќи дека сите предложени мерки се веќе сработени во конкретни законски измени.