Skip to main content
Македонија

Филипче: Буџетската дупка е околу 2 милијарди евра, компаниите затвораат поради долгови

08/03/2026  09:55

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија д-р Венко Филипче, на регионалната средба со општинските организации од изборната единица 4, што се одржа во Струмица, предупреди дека економската состојба во државата е сериозно влошена и дека постојат сериозни проблеми во јавните финансии, што веќе се одразува и врз работењето на компаниите.

Филипче посочи дека буџетската дупка се продлабочува, а државата продолжува да се задолжува. 

„Ја следиме ситуацијата со финансиите. Бладата бара заеми. Последниот е околу 300 милиони евра. Дупката во Буџетот е некаде околу 2 милијарди евра. 1 милијарда евра се издаде еврообврзница, меѓутоа тоа не е доволно”, рече Филипче. 

Во обраќањето Филипче нагласи дека власта доцни во подмирување на обврските, што веќе негативно се одразува врз приватниот сектор.

„Се доцни со исплатата кон економските субјекти, некаде околу 500-600 милиони евра.  Околу 100 милиони евра е долгот по основ на повратот на ДДВ за компаниите. Има компании кои што затвораат не можат да издржат, земаат кредити. Живееле луѓето од повратот на ДДВ, од тие пари, сега земаат кредити, заглавуваат и компаниите ги затвораат”, рече Филипче. 

Тој додаде дека владата ја става во ризик и исплатата на платите и пензиите, а економската состојба со вака поставени економски параметри дополнително ќе се влоши наесен поради случувањата на Блискиот Исток.

„Под сериозен знак прашање е редовната исплата на платите и на пензиите. И некаде на есен се ова кога ќе се наталожи уште повеќе со енергетската криза која што очигледно дека скоро нема да спласне, поради случувањата на Блискиот Исток, со актуелната финансиска криза, со долговите, со дупката во Буџетот, со дупката во Фондот за пензиско осигурување, со барањата заеми, наесен оваа економска состојба во земјава ќе биде блиску до катастрофа”, рече Филипче.