Skip to main content
Македонија

Филипче: 17.000 помалку вработени, студентите бегаат во странство, младите не гледаат перспектива во Македонија

04/09/2025  09:32

Младите во Македонија денес живеат во држава која не се развива, држава во која немаат просперитет, посочи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на средбата со студенти. На средбата Филипче нагласи дека немањето стратегија за унапредување на пазарот на труд, растечката сиромаштија, се само дел од причините поради кои младите својата иднина ја гледаат надвор од Македонија.

Статиската бележи поразителни бројки кои укажуваат на тоа дека младите ја напуштаат државата.

“Бројот на вработени лица во државата е намален за над 17.000 луѓе.Бев во Делчево и го кажувам како пример. Во овој град секоја година во просек матуираат околу 100 ученици. Годинава, 90 од нив се запишале на факултети во Бугарија. Зошто? Затоа што кај нас нема универзитет што е на Шангајската листа. Нема сериозно вложување во наука, нема поддршка за истражување, нема квалитет кој ќе ги задржи младите тука“, рече Филипче.

Зборувајќи за причините за иселување на младите, Филипче посочи дека сите параметри одат во прилог на тоа дека власта не води сметка за граѓаните најмалку за младите.

„Работните места што се отвораат сите се со ниски плати, не се доходовни, тоа е преживување, тоа не е развој. Колку и да кажуваат дека растат платите тоа се толку минимални проценти што однапред е изедена таа сума на пари од растот на плати со инфлацијата којашто не ја контролираат“, рече Филипче.

Дополнително, како што кажа Филипче, причина за разочараноста кај младите е фактот што тие гледаат дека регионот оди напред, додека власта свесно ризикува Македонија да остане периферија на Европа.

“Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос кажа дека Црна Гора може 2028 година, Албанија 2029 година, да станат членки на ЕУ. Отиде регионот напред. И да не бара изговори оваа влада, срамота е тоа што го прават. Се се сведува само на нивни лични и теснопартиски интереси за бизниси итн. Нема развој, нема перспектива”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста