
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се огласи вчера во врска со медиумските написи дека директорот на сениорската репрезентација Данчо Масев е приведен, истакнувајќи дека од пред извесен период е разрешен од должноста, а Федерацијата нема информации околу „личните постапки“ кои довеле до негово апсење.
„Во врска со приведувањето на Данчо Масев, истакнуваме дека ФФМ нема информации за неговите лични постапки и активности кои довеле до оваа ситуација. Со оглед на ситуацијата, неговите активности во рамки на Федерацијата престанаа со моментален ефект, односно пред повеќе од една недела“, соопшти ФФМ.
„Како институција која се придржува до принципите на законитост и интегритет, случајот го ставаме на органите на Законот во државата. Нашиот фокус е насочен кон организацијата и подготовката на натпреварот Македонија – Велс без да се акцентираат личните постапки, а каква било одговорност ќе биде утврдена од законските органи“, се додава во соопштието на ФФМ.