Skip to main content
Македонија

Фетаи: АА на Таравари останува во владата, работата продолжува нормално

23/04/2025  16:21

Тој верува дека Алијанса за Албанците со петтемина пратеници е клучна за стабилноста на владиниот состав и додава оти нема простор за еднострани потези од ниту една партија.

Членовите на Владата од Алијансата за Албанците предводена од Арбен Таравари засега остануваат во владиниот тим, а работата во извршната власт продолжува нормално, вели заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи.

Фетаи вели дека Алијанса за Албанците нема планови за промена на позициите во Владата.

„Продолжуваме со работа, секојдневно, како ништо да не е сменето. Вчера имавме владина седница на која не беше кажана ниту една загриженост“рече денеска Фетаи на настан за одбележување на Меѓународниот ден на книгата во Куманово.

Тој потврди дека наредните денови се очекува премиерот Христијан Мицкоски да има одделни средби со коалициските партнери Алијанса за Албанците, ВЛЕН и ЗНАМ.

„Таравари има секојдневни контакти со премиерот Мицкоски и коалициските партнери. Некои од нас кажале, и јас велам дека соработката продолжува во Владата. Ние продолжуваме да ја работиме нашата работа, како ништо да не се случило, а верувам дека сте ги виделе и пишувањата во медиумите дека во наредните денови премиерот ќе има консултации, одделно со партиите, со коалицијата ВЛЕН, Алијансата за Албанците, ЗНАМ. Засега ништо не е променето, до консултациите што се очекуваат да се случат во наредните денови“,рече Фетаи.

Тој верува дека Алијанса за Албанците со петмината пратеници е клучна за стабилноста на владиниот состав и додава оти нема простор за еднострани потези од ниту една партија.

Прашан како Алијансата за Албанците на Таравари ќе настапи на локалните избори, односно дали ќе коалицира со опозициските партии, Фетаи потенцира дека во оваа фаза не сака да прејудицира и оти нивната партија ќе најде решение за најдобрата понуда за граѓаните.

„Не сакам да го прејудицирам исходот од различните контакти што се случуваат во оваа фаза. Сега засега, додека разговараме и додека нема одлука меѓу коалициските партнери, ние сме дел од Владата. Не сме исклучени, продолжуваме да придонесуваме во парламентарното мнозинство. Нашите пратеници продолжуваат да ја вршат својата работа, а ние во извршната власт. Јас се надевам дека ќе се најде решение што ја нуди најдобрата понуда за граѓаните на оваа земја, како за локалните избори, така и за предвремените парламентарни избори ако тие се случат и кога и да се случат“додаде Фетаи.

Денеска првиот вицепремиер Изет Меџити рече дека вчера имале владина седница на која не присуствувал министерот за здравство Арбен Таравари, но бил вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи од редовите на Алијанса за Албанците.

Меџити, денеска повторно го повика својот коалициски партнер, министерот Арбен Таравари, да одлучи дали ќе соработува со Демократската унија за интеграција (ДУИ) или ќе остане во ВЛЕН и во Владата.