Skip to main content
Спорт

Фенербахче повторно на врвот на Европа – шампион на Евролигата 2025!

25/05/2025  22:32

Фенербахче Беко Истанбул стана шампион на Туркиш Ерлајнс Евролигата за 2025 година, откако во финалето на „Етихад Арена“ во Абу Даби го совлада Монако со 81-70. Ова е втора титула во историјата на турскиот гигант, кој наметна доминација во клучните моменти од натпреварот.

Монако имаше предност во најголемиот дел од првото полувреме, но Фенер заврши силно и поведе со 35-33 на паузата. Во третата четвртина се играше изедначено, а одлучувачки беше последниот период, кога тимот од Истанбул одигра одлична одбрана и ја реализираше серијата што го однесе до победата.

Најџел Хејс-Дејвис го предводеше тимот со 23 поени и 9 скока, Марко Гудуриќ постигна 19, вклучувајќи и неколку клучни тројки во последните минути, а Девон Хол и Вејд Болдвин додадоа по 13 поени.

Кај Монако, Алфа Дијало беше најефикасен со 19 поени, а Мајк Џејмс придонесе со 17. И покрај напорите на францускиот тим да се врати во финишот, стабилната одбрана на Фенербахче и решителноста на Гудуриќ донесоа нова историска титула за турскиот клуб.