
Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа и понатаму ќе остане во притвор, откако Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за продолжување на мерката за дополнителни 30 дена. Одлуката следува по истекот на првичниот притвор, кој завршуваше деновиве.
Стафа е осомничен во истрага што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“. Според наводите од истрагата, тој примил 50.000 евра со цел да влијае врз судија во Апелациониот суд, за да се обезбеди поповолна судска мерка за неговиот клиент Љупчо Пецов – Ѓаволот.
Пецов е еден од главните осомничени во акцијата „Синџир“, која се однесува на сомнежи за даночно затајување во износ од околу 8 милиони евра.
„Непосредно по примањето на парите, осомничениот бил лишен од слобода, при што кај него се пронајдени паричните средства“, соопштија претходно од Обвинителството.
Во меѓувреме, додека Стафа се наоѓа во притвор, неговиот клиент Пецов, кој подолг период беше во бегство, се предаде на надлежните органи. Судот му определи мерка куќен притвор, поради нарушена здравствена состојба.
