
Поранешниот возач во Формула 1, Мартин Брандл, изјави денеска дека Мекларен би можел да биде принуден што поскоро да донесе одлука дали да го поддржи Оскар Пјастри или Ландо Норис во трката за титулата во Формула 1.
Австралиецот Пјастри во моментов има 16 бодови предност пред својот клупски колега Норис пред претстојната трка за Големата награда на Емилија Ромања.
Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, е на третото место, 32 бода зад лидерот.
-Проблемот што може да го има Мекларен е ако Верстапен и Расел продолжат со добрите резултати, особено имајќи предвид дека Мерцедес најавува подобрување во Имола на што многу се надеваат. Секако, сите ќе се подобрат до одреден степен, изјави Брандл за Скај Спортс.
За разлика од Мекларен, Верстапен не се грижи дека неговиот тимски колега Јуки Цунода ќе му одзема поени и досега успева да ја искористи секоја можност да остане сериозен кандидат за шампионската титула.
-Ако тоа се случи, нема сомнение дека Пјастри и Норис ќе си одземаат бодови еден на друг. Тие мора да внимаваат да не се фокусираат премногу на меѓусебната борба, бидејќи тогаш некој друг би можел да им ја земе титулата, како што тоа го направи Алан Прост во 1986 година, додаде тој.