Skip to main content
Македонија

Европската Унија и Република Турција: Стратешко партнерство во време на глобална несигурност

20/01/2026  09:44

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија

По воената интервенција на Русија во Украина – случувањата во Европа посебно во последните скоро четири години, и особено по најновите настани во Венецуела и зачестените закани на претседателот на САД Доналд Трамп за слични или исти агресивни акциии во Колумбија, Куба, Мексико, Иран, вклучително и во Гренланд,  евентуално и во други земји, на европската политичка сцена, меѓу другото, се наметнува потребата за што поскорешно деблокирање на преговорите за членство на Република Турција во ЕУ, и нејзината целосна интеграција во безбедносниот систем на ЕУ. При тоа, логично е да се постави следното прашање: како денеска ќе изгледаше Европа доколку Турција веќе беше членка на ЕУ?, односно дали Европа (заедно со Турција) ќе беше побезбедна и по подготвена за одбрана од секакви предизвици и закани?

Во свет на растечка геополитичка нестабилност – со кризни жаришта, војни и закани за потенцијални агресивни акции врз суверени земји, вклучително и врз Гренланд – подготвеноста на Европа за одбрана од разни непредвидливи и предвидливи закани е доведено во прашање. Во овој контекст, потребата од стратешка поврзаност меѓу ЕУ и Република Турција претставува едно од прашањата за која лидерите на земјите членки на ЕУ би требало посериозно и попрагматично да размислуваат. Ова, дотолку повеќе што интересот и готовноста на Турција за членство во ЕУ се непроменети, додека неодамна тоа, од турска страна, во уште поконкретна форма е актуелзирано.

Имено, како што беше пренесено од Анадолската агенција, за време на неодамнешната официјална посета на Португалија, МНР на Република Турција, Хакан Фидан, во интервју за португалскиот јавен радиодифузен сервис РТП (RTP), меѓу другото, оцени дека „неможноста Турција целосно да се интегрира во ЕУ, вклучително и како полноправна членка, претставува историска пропуштена можност и за Турција и за Европа, додека подлабоката соработка можеше да донесе далекусежни стратешки придобивки“. Укажувајќи на динамичната економија на Турција, младата популација, напредната одбранбена индустрија и стратешката географска положба, министерот Х.Фидан истакна дека „интегрирањето на воениот капацитет и регионалното влијание на Турција со ЕУ би можело да воспостави историско партнерство од кое ќе имаат корист и регионот и пошироко“. Според него, „иако блокот успеал да создаде наднационална структура, никогаш не успеал да изгради вистински цивилизациски сојуз“, додавајќи при тоа дека, „на светот денес му се потребни единство и интегритет што ги надминуваат цивилизациите, дозволувајќи им на различните култури колективно да придонесуваат“.

Еден од најконкретните аспекти на Република Турција како стратешки партнер е нејзиниот драматичен напредок во развојот на сопствена воена индустрија и софистицирана технологија – аспект што има значајни импликации за заедничката одбрана и колективната безбедност: во последните неколку години одбранбената индустрија на Турција се трансформира од зависност од увоз на вооружување во глобален производител и снабдувач со напредни системи: на меѓународната одбранбена изложба IDEF 2025 во Истанбул, меѓу другото, беа претставени нови системи и платформи што најавуваат голем технолошки скок на Турција на овој план. На истиот саем, турските компании претставија и хиперсонични и прецизни ударни системи, како и напредни навигациски и автоматизирани системи за борба. Нови турски беспилотни платформи, кои можат да функционираат и од копнени и од поморски платформи, влегоа или влегуваат во употреба во 2025 година, зголемувајќи го оперативниот спектар на вооружените сили на Турција.

Наведените и многу други воени средства што се произведени од турските компании во последните неколку години, вклучително и т.н. „челична купола“ – интегриран воздушно–одбранбен систем со повеќеслојна архитектура – Турција ја позиционираа како еден од најголемите извозници на одбранбена технологија во светот, со растечки број партнерства ширум Европа, Азија и Африка и со зголемен извоз што достигна рекордни нивоа во 2024 и 2025 година. Овој напредок ја трансформира Турција не само во производител на разновидна воена технологија, туку и во важен стратешки партнер со кој Европа може да ја зајакне својата одбранбена подготвеност и автономија.

Покрај својата воена и индустриска моќ, Турција е една од ретките земји која успева да се наметне и како земја – посредник во меѓународни преговори и мирни процеси. Анкара има воспоставено дипломатски канали и влијанија во разни региони на светот, вклучително и во Европа. Посредничките улоги и „услуги“ Турција ја прават важен фактор за деескалација и стабилизација на кризни жаришта – улога што ЕУ би можела системски да ја инкорпорира преку формално партнерство и интеграција.

Со својот економски потенцијал, млада популација, технолошки напредок, голема и силна армија и дипломатски капацитет, Турција има што да ѝ понуди на Европа – како силен системски партнер, фактор на стабилност и извор на современи воени технологии. Затоа, деблокирањето на преговорите за членство во ЕУ би ја зајакнало колективната безбедност и автономија на Европа, додека интеграцијата на турските одбранбени капацитети би им дала на ЕУ поголема способност за заеднички одговор на новите безбедносни предизвици. Во свет каде што геополитичката динамика постојано се менува, ЕУ не може да си дозволи да ги игнорира придобивките од поголемото сојузништво со Турција – сојузништво што би можело да ја обликува иднината на европската и глобалната безбедност.

Сосема на крај би можело да се заклучи дека, еден од најзначајните потенцијали за засилување на европската стабилност и глобална улога, меѓу другото, лежи и во полноправната интеграција на Република Турција во ЕУ, која до денес е блокирана пред сè поради политички прашања, и покрај повеќедецениското настојување на Анкара за членство. Истовремено, со евентуалното членство на Република Турција во ЕУ шансите за решавање на повремените тензи и недоразбирања меѓу Турција и Грција за одделни прашања, како и за конечната разврска на повеќедецениското кипарско прашање би се зголемиле. Затоа, што поскоешното членство на Турција и земјите од Западен Балкан, вклучително и на Република Македонија, во ЕУ претставува неопходност од голема важност, пред сè за мирот и безбедноста на Европа и нашиот регион, како интегрален и нераздвоен дел на европскиот континент.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.