Skip to main content
Свет

Европа може да остане без гориво за неколку дена?

25/03/2026  08:13

Европа би можела да се соочи со недостиг на гориво уште следниот месец поради продлабочувањето на кризата на Блискиот Исток, предупреди извршниот директор на „Шел“, Ваел Саван. Тој рече дека глобалниот недостиг на нафта и гас веќе ги принудил делови од Азија да ја намалат потрошувачката на енергија и дека последиците се закануваат да се прошират на Запад во рок од неколку дена.

Затоа, за да се спречи недостиг, европските влади може да бидат принудени да ја ограничат побарувачката на енергија, мерка што не е преземена од енергетската криза во 2022 година, пишува британскиот „Телеграф“.

Откако Иран го затвори Ормутскиот теснец, околу една петтина од светските залихи на нафта и течен природен гас (LNG) беа блокирани во Заливот. Воени извори во вторникот изјавија дека Велика Британија ги предводи напорите за повторно отворање на клучниот трговски пат, а планерите наводно размислуваат за користење беспилотни летала за чистење мини лансирани од изнајмени цивилни бродови.

Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да испрати падобранци за евентуална копнена инвазија на клучните острови покрај брегот на Иран, иако во вторникот инсистираше дека мировните преговори со Техеран продолжуваат.

Извори за „Телеграф“ изјавија дека потпретседателот Џ.Д. Венс се подготвува да ја игра улогата на преговарач за прв пат, бидејќи Иран одбива да разговара со претставниците на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Според извори од Заливот, Иранците ги обвинуваат дека „ги забоделе во грб“ за време на претходните нуклеарни разговори што ѝ претходеа на војната.