
Дефектот во електродистрибутивната мрежа во скопската населба Серава настанал на 21 декември 2025 година (недела) како резултат на долготрајни и неконтролирани кражби на електрична енергија, како и поради континуирано спречување на екипите на Електродистрибуција во извршувањето на работните активности за одржување на мрежата, информираат од ЕВН за 24 Инфо.
Според компанијата, веќе подолг временски период дел од жителите на улиците „Исмаил Кадаре“ и „Кумбара“ го попречуваат проектот за реконструкција на нисконапонската мрежа и дислокација на броилата. На екипите на Електродистрибуција, како што се наведува, им се упатуваат вербални закани, поради што им е целосно оневозможено нормално функционирање на терен.
Од ЕВН предупредуваат дека сè додека нивните екипи немаат пристап за реализација на проектот за реконструкција на мрежата, нема да биде можно трајно санирање на дефектите, кои ќе продолжат да се појавуваат и во иднина поради преоптовареноста од нелегални приклучувања.
Во меѓувреме, група граѓани денеска ја блокираа познатата улица Пластичарска, во близина на булеварот „Никола Карев“, поради исклучување на електричната енергија. Како што информираат извори на 24 Инфо од терен, станува збор за жители од населбата Серава кои спонтано излегле на протест, револтирани од ненадејниот прекин на снабдувањето со струја.
Од ЕВН посочуваат дека состојбата во овој регион е сериозна, со загуби на електрична енергија кои надминуваат 70 проценти, додека наплатата изнесува околу 60 проценти, и апелираат на соработка за да се обезбеди стабилно и безбедно снабдување со електрична енергија.

