
Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев е добитник на престижната награда „13 Ноември“ во категоријата спортист на годината, која ја доделува Сојузот на спортови на Скопје. Наградата му беше врачена на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на главниот град, во рамки на 55-тото издание на традиционалната манифестација што се одржа во Спортскиот центар „Јане Сандански“.
Поп Ацев, кој минатата година го преплива Ла Манш за 9 часа и 43 минути, стана петтиот Македонец што го совладал овој пливачки подвиг. Со тоа, тој уште еднаш потврди дека со дисциплина и истрајност може да се стигне до највисоките спортски достигнувања, а неговиот успех ја инспирира младата генерација пливачи.
Наградата за тренер на годината му припадна на ракометната легенда Кире Лазаров, за одличните резултати со РК „Алкалоид“, кој ја освои титулата во машкиот ЕХФ Европски куп за сезоната 2024/25. Екипата на „Алкалоид“ беше прогласена и за најуспешен спортски колектив.
Признанија за животно дело добија поранешната атлетичарка и тренерка Божурка Ѓошевска и спортскиот фоторепортер Кирил Михаилов – личности кои оставиле длабока трага во македонскиот спорт и со својата работа инспирирале генерации млади спортисти.
Меѓу останатите наградени се Горан Мицкоски од Џудо федерацијата, Јордан Тасевски од Федерацијата за спортско стрелаштво, спортскиот новинар Владимир Булатовиќ („Екипа“), професорот Александар Аргироски од ООУ „Петар Поп Арсов“ и професорката Ана Јакимовска Стричевиќ од Факултетот за физичка култура „М.М. Брицо“.

