Skip to main content
Спорт

Евертон го отвори новиот стадион – Изграден на вештачки остров

18/02/2025  11:03

Новиот стадион на Евертон „Брамли-Мур“ пречека десет илјади навивачи на тест настан, пријателски натпревар на тимот до 18 години против Виган, додека клубот се подготвува да се збогува со „Гудисон Парк“ на крајот од сезоната.

Изградбата на новиот стадион со 52.888 седишта траеше четири години и чинеше речиси 800 милиони фунти (964 милиони евра), според пишувањата на британските медиуми, а тој исто така треба да биде домаќин на натпреварите на Европското првенство во 2028 година.

Изграден е на вештачки создаден остров кој прво бил испразнет од морето, а потоа од под него биле извадени 480 илјади кубни метри песок. Илјада од 2.500 столбови беа забиени на 20 метри во дното на реката Мерси.

„Кој и да го дизајнираше, направи фантастична работа бидејќи трибините се над вас“, изјави тренерот на младинскиот тим на Евертон, Кит Саутерн за клупската телевизија.

„Кога стадионот ќе биде полн следната сезона, ќе биде пеколно место за играње“, додаде тој.

Прв стрелец на новиот стадион на Евертон беше Харисон Ример од Виган, кој погоди за гостите во 12. минута. Евертон загуби со 1:2, а голот на домаќините го постигна Реј Роберт.

Клубот од Ливерпул официјално ќе почне да го користи од следната сезона во Премиер лигата.

Домот на Евертон од 1892 година, беше домаќин на последното градско дерби во средата кога тимот на Дејвид Мојс ремизираше 2:2 со лидерот Ливерпул. Последниот натпревар во Премиер лигата на „Гудисон Парк“ ќе се одигра на 18. мај кога на Евертон ќе му гостува Саутемптон.

Стадионот потоа ќе биде урнат, а земјиштето ќе се користи за изградба на станбени и деловни згради.