Skip to main content
Магазин

Еве зошто калциумот е клучен за здравјето на вашето дете

14/01/2025  18:45

Калциумот е минерал кој игра клучна улога во градењето силни коски, но неговата важност за организмот не завршува тука. Децата кои добиваат доволно калциум имаат поголеми шанси да изградат силни коски кои ќе ги заштитат од губење на коскената маса во зрелоста.

За малите деца и бебињата, калциумот и витаминот Д се неопходни за спречување на болеста позната како рахитис. Оваа болест предизвикува омекнување на коските, што може да доведе до нивно свиткување, застој во растот и болни или слаби мускули.

Иако млечните производи како што се млекото, јогуртот и сирењето се меѓу најдобрите извори на калциум, овој минерал можете да го најдете и во друга, често неочекувана, храна како риба, портокали, овесна каша, брокула, бадеми, кељ.

Сепак, внесувањето доволно калциум не е единствениот фактор кој придонесува за здравјето на коските. Заедно со калциумот исклучително важен е и витаминот Д кој помага во неговата апсорпција. Овој витамин значително ја подобрува апсорпцијата на калциумот во организмот, па може да се каже дека калциумот и витаминот Д се неразделни кога станува збор за правилно градење на коските и мускулите.

Доколку мислите дека вашето дете не добива доволно калциум и витамин Д преку исхраната, се препорачува да се консултирате со педијатар. Лекарот може да препорача додатоци на храна кои се богати со овие супстанции за да се обезбеди правилен развој на коските и мускулите.

Здравјето на коските започнува од првите денови, па затоа е важно да се обезбеди доволно калциум и витамин Д за децата да растат со силни коски кои ќе им овозможат здрав и активен живот.