
Советот на Европската Унија официјално усвои нови царински правила за мали пратки што влегуваат на територијата на ЕУ, а кои најчесто се нарачуваат преку онлајн купување. Новите прописи го укинуваат претходното ослободување од царински давачки за пакети во вредност до 150 евра, со цел да се потисне нелојалната конкуренција со која се соочуваат продавачите во рамките на Унијата, објави Советот на ЕУ.
„Глобалната е-трговија доживува силен раст и царинските прописи на ЕУ мора да бидат во чекор со овие промени. Укинувањето на застарениот исклучок за мали пратки ќе го поддржи бизнисот во рамките на Унијата и ќе стави крај на несовесните продавачи. Сега мора решително да продолжиме со сеопфатна царинска реформа, што е клучно за создавање поконкурентна и побезбедна Унија“, рече Макис Керавнос, министер за финансии на Кипар.
Со одлуката се укинува ослободувањето од царински давачки за пратки чија вредност е помала од 150 евра. Редовните царински давачки ќе се применуваат за сите стоки што влегуваат во ЕУ кога ќе почне да работи новиот Центар за царински податоци на ЕУ, чие лансирање е предвидено во 2028 година.
Дотогаш, земјите-членки се согласија да воведат привремена фиксна стапка од 3 евра по категорија на производи во мали пакети во вредност до 150 евра испратени директно до потрошувачите во ЕУ. Оваа мерка ќе стапи на сила на 1 јули 2026 година.
Царината ќе се наплаќа за секоја поединечна категорија на производи во пакетот, а категориите се одредуваат според подброевите на царинската тарифа.
На пример, ако пакетот содржи една свилена и две волнени блузи, тоа се две различни тарифни категории, па вкупната давачка би била 6 евра.
Советот на ЕУ наведува дека новиот систем ќе има позитивен ефект и врз буџетот на Унијата и врз националните јавни финансии. Царинските давачки претставуваат традиционални сопствени приходи на ЕУ, додека земјите-членки задржуваат дел од средствата како надомест за трошоците за наплата.


