
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на конференцијата на Глобалната алијанса против шверцот со мигранти во Брисел порача дека „Европејците одлучуваат кој доаѓа во Европа, а не шверцерите“.
На настанот учествува и македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Фон дер Лајен истакна дека благодарение на мерките против мрежите на шверцери, годинава во ЕУ е забележано намалување на приливот на мигранти за 26 отсто.
– Пред две години, ветивме дека ќе изградиме Глобална алијанса за борба против шверцот со мигранти. Тоа е духот што нè доведе денес овде, рече таа.
Таа најави нов план заснован на три принципи: пресекување на мигрантските рути, спротивставување на бизнис моделот на шверцерите и информирање на потенцијалните жртви дека постојат побезбедни алтернативи.
– Мора да се бориме против целата мрежа, додаде Фон дер Лајен.
Како дел од засилените мерки, ќе се зголемат ресурсите и персоналот на Фронтекс, а ЕУ развива и нов режим на санкции за замрзнување на средствата на шверцерските групи. Фон дер Лајен предупреди дека криминалните групи сè почесто користат комерцијални транспортни линии, па затоа е потребна поблиска соработка со транспортните компании.
– Сите имаме заедничка цел, да ги потиснеме шверцерите од бизнисот и да спасиме животи, нагласи таа.
