
Европската унија ја разгледува можноста идните членки да се приклучат кон блокот без целосни права за одлучување, вклучително и право на вето, со цел да се забрза процесот на проширување, дознава бриселски Политико од дипломатски извори.
Предлогот, кој е сè уште во рана фаза и бара едногласно одобрување од сите 27 земји-членки, би им овозможил на новите држави да ги користат повеќето од придобивките од членството, а целосни права да добијат подоцна, откако ЕУ ќе спроведе клучни институционални реформи, вклучително и укинување на едногласното донесување одлуки во повеќето области.
Според овој предлог, земјите-кандидатки би можеле да станат членки под пофлексибилни услови, без потреба од измени во основачките договори на ЕУ, објаснуваат извори за бриселскиот портал.
Застапниците на проширувањето, вклучувајќи ги Австрија и Шведска, сакаат да ја искористат оваа иницијатива за да ги надминат блокадите што, велат, доаѓаат од Будимпешта и неколку други главни градови кои се плашат од губење на пазари или загрозување на националната безбедност.
„Идните членки треба да се откажат од своето право на вето сè додека не се спроведат реформски промени, како што е воведувањето на квалификувано мнозинство во донесувањето одлуки. Не смееме да дозволиме поединечните земји-членки да го забават проширувањето“, рече Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг.
Претходно, правилото беше дека проширувањето не може да биде можно без сеопфатна институционална реформа.
Сепак, обидите за укинување на правото на вето за постојните членки наидоа на отпор, не само од Унгарија, туку и од Франција и Холандија.
Хофрајтер наведува дека овој пристап би ѝ овозможил на Унијата да остане функционална дури и во проширен формат.
„Разговорите со претставниците на земјите од Западен Балкан покажуваат дека тие ја гледаат оваа идеја како конструктивна и реалистична“, додаде тој.
Овој потег, како што објаснува Политико, доаѓа во време на зголемена фрустрација кај земјите-кандидатки, кои веќе спроведоа значајни внатрешни реформи, но сè уште се соочуваат со неуспеси во процесот на пристапување.
„Хрватска беше последната што се приклучи на ЕУ пред повеќе од десет години, додека Велика Британија во меѓувреме ја напушти Унијата. Затоа верувам дека е време да се оживее овој процес“, изјави претходно црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ за „Политико“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го стави проширувањето во центарот на својата агенда, најавувајќи го можниот влез на Украина и Молдавија до 2030 година, но членките на ЕУ засега одбиваат да ги забрзаат процедурите.
Претходниот обид на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да го забрза проширувањето беше одбиен од неколку земји-членки, потсетува Политико.
В среда во Лондон ќе се одржи самит како дел од „Берлинскиот процес“, каде што лидерите на ЕУ ќе разговараат за понатамошната интеграција на регионот во ЕУ со претставници на Западен Балкан.
Според извори од ЕУ, Комисијата би можела да предложи продолжување на преговорите со кандидатите дури и без формална согласност од сите членки за секој чекор, со што би се избегнала можноста за вето, особено од Будимпешта.