
Дипломатите на Европската унија изразија сериозна загриженост поради широките овластувања што ги има американскиот претседател Доналд Трамп во новоформираниот „Одбор за мир“, стои во доверлив документ на Европската служба за надворешни работи, во кој имал увид Reuters.
Во интерната анализа од 19 јануари, споделена со земјите-членки на ЕУ, се наведува дека структурата и правилата на Одборот отвораат прашања за усогласеноста со уставните принципи на Унијата. Според документот, концентрацијата на овластувања во рацете на претседавачот (позиција што Трамп ја држи доживотно_ е во спротивност со автономијата на правниот поредок на ЕУ.
Во анализата се посочува и дека мандатот на новиот Одбор „значително отстапува“ од одлуката на Совет за безбедност на ОН, донесена во ноември, која била строго ограничена на конфликтот во Појасот Газа.
Проширување на надлежностите
Одборот за мир беше инициран од Трамп во четвртокот, со најава дека прво ќе се фокусира на Газа, а потоа и на други глобални конфликти. Според неговата повелба, земјите-членки добиваат мандат од три години, освен ако не уплатат по една милијарда долари за финансирање на работата на Одборот, со што би обезбедиле трајно членство.
„Откако овој Одбор целосно ќе се формира, ќе можеме да правиме што сакаме – и тоа во соработка со Обединетите нации“, изјави Трамп, оценувајќи дека потенцијалот на ОН досега не бил целосно искористен.
Резерви од европските лидери
По состанокот на европските лидери посветен на трансатлантските односи, претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, изјави дека Унијата има „сериозни сомнежи“ околу обемот, управувањето и усогласеноста на Одборот со Повелбата на ОН.
Кошта нагласи дека ЕУ е подготвена да соработува со САД во рамки на сеопфатен мировен план за Газа, но само доколку улогата на Одборот биде ограничена на привремена транзициска администрација, во согласност со релевантните резолуции на ОН.
Во меѓувреме, неколку земји-членки на ЕУ, меѓу кои Франција, Германија и Шпанија, веќе соопштија дека нема да се приклучат на Одборот. Во документот на Европската служба за надворешни работи се истакнува дека одредбата според која степенот на учество на земјите зависи од одобрување на претседавачот претставува „недозволиво мешање во институционалната автономија на државите“.
