Skip to main content
Свет

ЕУ: Нападите на Иран и нарушувањето на суверенитетот на повеќе земји во регионот се непростливи

01/03/2026  23:25

Европската унија вечерва упати апел за „максимална воздржаност“ и целосно почитување на меѓународното право во контекст на ескалацијата на конфликтот со Иран. Повикот го соопшти високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, во име на сите земји-членки на Унијата.

Во соопштението се нагласува потребата од заштита на цивилното население и доследно почитување на принципите на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното хуманитарно право. Реакцијата следува по итната видеоконференција на министрите за надворешни работи на ЕУ, свикана откако Соединетите Американски Држави и Израел извршија воени напади врз Иран, а Техеран возврати со одмазднички акции кон Израел, американските сили и дел од земјите од Персискиот Залив.

Од Брисел порачаа дека нападите на Иран и нарушувањето на суверенитетот на повеќе држави во регионот се непростливи и побараа Техеран да се воздржи од неселективни воени напади. Воедно, беше изразена сериозна загриженост за можните последици врз глобалната економија, особено поради ризикот од нарушување на протокот на нафта и синџирите на снабдување.

„Конфликтот не смее да доведе до поширока ескалација што би го загрозила Блискиот Исток, Европа и светот, со непредвидливи економски последици“, се наведува во ставот на ЕУ. Посебно се истакнува потребата да се избегнат нарушувања на клучните поморски рути, како Ормускиот Теснец.

Сепак, ставовите во рамките на Унијата не се целосно усогласени. Додека германскиот канцелар оцени дека не е време за меѓусебни обвинувања меѓу сојузниците, шпанскиот премиер остро ги критикуваше американските и израелските акции, сметајќи дека тие придонесуваат за дополнителна нестабилност на меѓународната сцена.

Според дипломатски извори, Европа има ограничено влијание врз текот на настаните, но потенцијалните последици од конфликтот би можеле директно да се одразат и врз европскиот континент.