Skip to main content
Свет

ЕУ ги укина санкциите против Сирија

20/05/2025  19:35

Европската Унија одлучи да ги укине сите економски санкции против Сирија, објави високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

„Сакаме да му помогнеме на сирискиот народ да изгради нова, инклузивна и мирна Сирија. Европската Унија отсекогаш стоела покрај Сиријците во текот на последните 14 години и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Калас.

Одлуката за укинување на санкциите беше договорена на состанок на амбасадорите на земјите-членки и потврдена од министрите за надворешни работи кои се состанаа во Брисел.

Минатата недела, САД, исто така, ги укинаа санкциите.

ЕУ воведе санкции против режимот на соборениот претседател Башар ал-Асад. Главно станува збор за санкции против сирискиот банкарски систем и забраната за продажба на оружје за кое се претпоставуваше дека Асад може да го употреби против цивилното население.