Skip to main content
Свет

ЕУ додаде уште 48 лица и 35 субјекти на листата на санкционирани поради руската агресија врз Украина

24/02/2025  16:41

Советот за надворешни работи на ЕУ во рамки на денеска усвоениот 16-ти пакет на рестриктивни мерки поради руската агресија врз Украина, донесе одлука на листата на санкционирани да бидат додадени уште 48 поединци и 35 субјекти одговорни за активности со кои се поткопува или загрозува територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на украинската држава.

– Со денешната одлука за санкционирање на неколку индустриски компании кои произведуваат оружје, муниција и друга воена опрема и технологии, се одржува притисокот врз руската војска и одбрана. Како дел од напорите на ЕУ за разбивање на мрежите на „флотата во сенка“, Советот, исто така, воведе целосни санкции за три субјекти кои транспортираат руска нафта и нафтени деривати и обезбедуваат значителни приходи за Владата на Русија, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Дополнително, со санкции се опфаќаат и актери одговорни за заобиколување на санкциите на ЕУ кон Русија, вклучително и преку трети земји.

– Првпат, Советот одлучи да ја санкционира и размената на криптовалутата Гарантекс, која е тесно поврзана со руските банки кои се под санкции на ЕУ, се потенцира во соопштението.

Покрај кон руски, воведени се санкции и кон поединци и субјекти од трети земји, кои „директно ги поддржуваат руските воени напори“. Така, на листата на санкционирани се најдоа и една кинеска фирма специјализирана за изработка на сателитски снимки и нејзиниот прв човек, како и двајца високи функционери на севернокорејската Армија.