
Српската полиција и жандармеријата вечерва употребија солзавец и шок бомби во обид да ги растераат учесниците на протестот пред Филозофскиот факултет и Факултетот за спорт и физичко образование во Нови Сад.
Според српските медиуми, голем број полициски сили се обидуваат да го испразнат универзитетскиот кампус од студенти, професори и граѓани кои учествуваа на мирниот протест.
Само еден час пред интервенцијата, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека има сознанија оти учесниците на собирот имале намера да ја нападнат полицијата стационирана пред факултетите.
„Ги предупредуваме сите собрани да го почитуваат законот и да не ја напаѓаат полицијата. Во спротивно, полицијата ќе биде принудена да реагира и да ги преземе сите мерки предвидени со закон за да го заштити сопствениот живот, безбедноста и да го зачува стабилниот јавен ред и мир“, се наведува во соопштението на МВР.
Протестот „Србија, дали се слушаме“ беше организиран од студентите во блокада, како реакција на кршењето на автономијата на универзитетот и прекумерната употреба на сила од полицијата за време на протестите во изминатите денови пред истите факултети.