Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го одбележа почетокот на годината на семејството во Турција со најава на мерки за зголемување на наталитетот.
Цитирајќи ја „историската вистина дека силно семејство го отвора патот за силна држава“, Ердоган претстави низа финансиски мерки за поддршка на младите семејства.
Тој се обиде да го прикаже движењето ЛГБТК+ како дел од странски заговор чија цел е поткопување на Турција. „Наша заедничка одговорност е да ги заштитиме нашите деца и млади од штетните трендови и перверзните идеологии. Неолибералните културни трендови ги преминуваат границите и продираат во сите делови на светот. Тие, исто така, водат кон зајакнување на ЛГБТ и другите движења“, порача Ердоган.
„Критиките кон ЛГБТ луѓето веднаш се премолчуваат, исто како и легитимната критика на ционизмот. Секој што ја брани природата и семејството е подложен на жестоки угнетувања“, истакна тој.
Парадите на гордоста се забранети во Турција од 2015 година, а оние кои сакаат да учествуваат се соочуваат со солзавец и полициски барикади.
Осврнувајќи се на „алармантниот“ пад на стапката на раст на населението, Ердоган потсети на неговото барање од 2007 година семејствата да имаат најмалку три деца.
Тој, исто така, изрази загриженост за зголемените стапки на разводи и фактот дека луѓето подоцна стапуваат во брак. Годишната стапка на раст на населението во Турција падна од 2,53 отсто во 2015 година на 0,23 отсто минатата година.
„Доколку не ги преземеме неопходните мерки, проблемот ќе достигне непоправливи нивоа. Во таква средина, губењето на населението е неизбежно“, изјави Ердоган.
За да се бори против заканата за семејствата, Ердоган претстави политики како што се бескаматни заеми за младенците, подобрени парични бенефиции за родителите на новородените деца, финансиска, советодавна и станбена поддршка за поттикнување на новите семејства и бесплатна или евтина грижа за децата.