Skip to main content
Свет

Ердоган: Историската посета на сирискиот претседател Ал Шара означува почеток на „трајно пријателство“

04/02/2025  21:32

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја опиша посетата на сирискиот претседател Ахмад ал Шара на Анкара како „историски“ чекор кон почетокот на периодот на „трајно пријателство и соработка“ меѓу двете земји.

Говорејќи на заедничка прес-конференција со Ал Шара, Ердоган ја нагласи посветеноста на Турција за територијалниот интегритет и единство на Сирија, јави Анадолија.

Тој ја повтори непоколебливата поддршка на Турција за Сирија, велејќи: „Никогаш не ги напуштивме нашите сириски сестри и браќа во нивните најтешки времиња и ќе продолжиме да ги поддржуваме во овој нов период“.

Ердоган изрази уверување во способноста на Сирија да се обнови.

– Не се сомневаме дека нашите сириски сестри и браќа, кои го инспирираат регионот со својата издржливост, ќе ја обноват својата земја, нагласи тој.

Турција е подготвена да помогне во реконструкцијата на уништените сириски градови, додаде Ердоган, изразувајќи уверување дека забрзувањето на економското закрепнување ќе го поттикне доброволното враќање на сириските бегалци.

Двајцата лидери разговараа за заедничките чекори за воспоставување безбедност и економска стабилност.

Ердоган го истакна напредокот во повеќедимензионалните односи, вклучително и трговијата, цивилното воздухопловство, енергијата, здравството и образованието.

Тој, исто така, повика на финансиска и морална поддршка од арапскиот и исламскиот свет за новата администрација и народот на Сирија, опишувајќи ја како „клучна“.

Ердоган вети поддршка на Турција во борбата на Сирија против терористичките групи, вклучувајќи ги ДАЕШ (ИСИС) и ПКК.

– Со дејствување во солидарност со Сирија, верувам дека целосно ќе воспоставиме клима на мир и безбедност во нашиот заеднички регион, ослободен од тероризам, рече тој.

Ал Шара, кој ги предводеше бунтовничките групи кои го соборија режимот на Башар ал Асад во Сирија, беше прогласен за привремен претседател минатата недела.

Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија на 8 декември 2024 година, ставајќи крај на режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година