
Европската воздухопловна и одбранбена компанија „Ербас“ соопшти дека добила договор вреден 30 милиони евра од европска агенција.
Станува збор за рамковен договор со Европската агенција за поморска безбедност за обезбедување услуги со далечински управувани воздухопловни системи за повеќенаменски поморски надзор, преку беспилотниот летален систем Flexrotor.
Овие услуги ќе ги унапредат мисиите на крајбрежните стражи, обезбедувајќи проширен опсег на надзор долж крајбрежјето и можности за долготрајни операции, вклучително и потрага и спасување, контрола на рибарството и заштита на животната средина, како и откривање нелегални поморски активности, соопшти компанијата.
Почетниот рамковен договор е склучен за период од две години, со можност за продолжување за уште две едногодишни опции, со што максималното времетраење на испораката може да достигне до четири години, наведоа од „Ербас“.
Услугите треба да започнат во 2026 година, а операциите ќе ги извршува францускиот давател на услуги „Екстенсе“, соопшти „Ербас“.
