
На 19-ти јуни, на терасата со најубавиот поглед во Скопје – Ragusa 360 Rooftop – ќе се одржи седмото издание на винскиот салон „Вино на штикли“, настан кој ја слави винската култура, креативната енергија и софистицираниот урбан дух.

Оваа година, повеќе од 30 македонски и странски винарии ќе претстават над 200 избрани вина кои говорат за тероарот, историјата и иднината на винската сцена во регионот и светот. Од лесни бели ароми, преку префинети розеа, до комплексни црвени вина – посетителите ќе можат да ги вкусат приказните што се кријат зад секоја етикета. Просторот ќе биде внимателно дизајниран за да понуди интимна атмосфера за дегустација, разговор и вистинско хедонистичко уживање.
Но „Вино на штикли“ не е само дегустација. Тоа е настан што ги поврзува виното, гастрономијата, музиката и стилот во една префинета симфонија на уживање. Со внимателна селекција на сирења, деликатеси, пури и вистинска музичка програма во живо – салонoт ќе понуди целосно сензорно доживување. Групата SWING 42 ќе настапи со џез, џипси џез, латино и евергрини, создавајќи звучна подлога која ќе го збогати амбиентот на винската вечер.
Како и секоја година, „Вино на штикли“ ја афирмира женската енергија и креативност во винарството, угостителството и културниот живот. Преку винарии предводени од жени, автентични приказни и нови брендови, овој настан ја негува инклузивноста и современиот пристап кон винската култура. Присуството на врвни домашни и странски винарии е потврда за неговата релевантност, но и за желбата Скопје да се етаблира како винска метропола во регионот.
Настанот започнува во 19:00 часот, а билетите се достапни преку официјалната веб-страница www.vinonastikli.mk.