Skip to main content
Свет

ЕК предлага 7,5 милиони евра помош за отпуштените работници на „Ауди“ во Брисел

09/01/2026  18:43

Европската комисија достави предлог за активирање на 7,5 милиони евра од Европскиот фонд за приспособување кон глобализацијата, со цел поддршка на 3.414 лица кои останаа без работа по затворањето на фабриката на „Ауди“ во Брисел. Погонот беше затворен во февруари минатата година, кога германската компанија го прекина производството на моделот „Q8 e-tron“ во белгиската престолнина.

Како последица, работа изгубија сите 2.580 вработени во фабриката, а дополнително уште 834 лица кај компаниите добавувачи. Според планот на Европската комисија, средствата ќе се користат за преквалификација и дообука, стекнување нови вештини и обезбедување советодавна поддршка за работниците кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Предлогот треба да добие одобрение од Европскиот парламент и Советот на ЕУ за да може помошта да стапи во сила.