Skip to main content
Балкан

ЕК планира поедноставување на пристапниот процес за да избегне блокади поради билатерални спорови

03/06/2025  11:39

Европската комисија разгледува начини за поедноставување на процедурите за пристапување во Европската Унија, со цел да се избегне ризикот билатерални прашања да го забават процесот, особено во овој чувствителен геополитички контекст. Ова го изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос на сослушување пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

Кос изрази подготвеност да помогне во дијалогот меѓу Скопје и Софија. „Имаме политичка цел преговорите со Република Северна Македонија суштински да започнат веднаш штом се спроведат потребните уставни измени. Бугарија и Северна Македонија треба да преговараат и да најдат решение за овој билатерален спор, а јас сум подготвена да посредувам ако е потребно, изјави таа.

Еврокомесарката додаде дека со Албанија веќе се водат преговори по 24 поглавја, а на Србија ѝ било укажано дека мора да продолжи со реформите и да ја врати довербата на јавноста. Таа му порачала на српскиот претседател Александар Вучиќ дека неговата посета на Москва за прославите на 9 Мај ги усложнува напорите на ЕУ за напредок на Србија.

– Европскиот пат на Косово води преку нормализација на односите со Србија, изјави Кос, повикувајќи на брзо формирање на нови институции по последните избори.

Во Босна и Херцеговина, според Кос, политичката блокада продолжува, но вратата за влез во ЕУ останува отворена. Црна Гора брзо напредува во преговорите – шест поглавја се веќе затворени и се очекува преговорите да завршат до следната година.

Кос нагласи дека Турција останува стратешки партнер на ЕУ и оти е од заеднички интерес земјата да остане поврзана со европските вредности. За Грузија пак, таа предупреди дека тамошните власти ја оддалечуваат земјата од ЕУ и создаваат ризици за темелите на демократијата.

– Мораме веднаш да ги направиме следните чекори со Украина и Молдавија – сè е подготвено, и сега е на Советот на ЕУ да ги започне преговорите, рече Кос. „Ако сакаме мир и стабилност во Европа, мора да бидеме независни и да го довршиме европското обединување – тоа е морална обврска.“

Проширувањето, според неа, стана дел од европското обединување и економски катализатор. Земјите кандидати мора да спроведат реформи и да изградат стабилни демократски институции и економии. Таа изрази надеж дека во следните четири години барем уште една земја ќе стане членка на ЕУ.