Skip to main content
Свет

Едно лице во притвор по пукањето на Универзитетот Браун

14/12/2025  15:37

Полицијата во американскиот град Провиденс приведе едно лице во врска со пукањето на Универзитетот Браун, во кое загинаа двајца студенти, а деветмина беа повредени. Портпаролката на Службата за јавна безбедност на Провиденс, Кристи ДосРејс, за Ројтерс изјави дека „лице од интерес“ е задржано во притвор по инцидентот на универзитетот во сојузната држава Род Ајленд.

Во потрагата по осомничениот, кој со огнено оружје влегол во објект каде што студентите полагале испити, биле ангажирани повеќе од 400 полицајци. Дел од кампусот бил затворен, а полициското присуство на местото на настанот останало засилено.

Во истрагата се вклучени и агенти на ФБИ и на Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви, кои соработуваат со локалната и државната полиција. Службите објавија видео од осомничениот, за кого се верува дека е маж на околу 30 години, облечен во црно. Истражителите пронашле чаури на местото на настанот, а напаѓачот избегал веднаш по пукањето.