Skip to main content
Македонија

Едно лице извршувало две неспоиви функции во Битола, платило глоба, но не се откажало од една од функциите

27/08/2025  16:36

Антикорупциската комисија денеска разгледуваше предмет оформиран по сопствена иницијатива за лице кое извршувало две неспоиви функции. Имено, како што беше посочено на денешната седница, лицето било член на Управен одбор на јавно претпријатие и член на Надзорен одбор на јавно претпријатие со седиште во Битола.

Извршувањето на двете функции истовремено, како што појасни Софија Спасова – Медарска од ДКСК, е спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупцијата и претставува прекршок казнив согласно член 105 од истиот закон.

На лицето му е издаден прекршочен патен налог и му било укажано дека мора да се откаже од една од функциите. Тој, како што образложи Спасова-Медарска, ја платил глобата, но не доставил доказ дека се откажува од една од функциите.

– За констатираниот прекршок на лицето му е издаден прекршочен патен налог и му беше понудена постапка за порамнување. Во исто време доставивме известување со кое на лицето му укажавме дека констатираната состојба може да биде надмината единствено доколку се откаже од една од двете функции. Лицето во законскиот рок ја плати глобата и достави доказ до ДКСК за тоа, но не достави доказ за откажување на една од двете функции со што состојбата не е надмината, констатира Спасова-Медарска.

За ова, ДКСК ќе ги извести Советот на оштина Битола и Владата како надлежни органи кои ќе треба во рок од 60 дена да ја информираат за преземените мерки за надминување на состојбата.